Легендите на ФК „Црвена Звезда“ предводени од почесниот претседател Драган Џајиќ гости на ФК „Охрид“

Охриѓани в сабота на Градскиот плоштад ќе имаат несекојдневна можност да ги видат и да се дружат со легендите на фудбалот на поранешна Југославија – некогашните фудбалери на ФК „Црвена Звезда“ од Белград.

Своето присуство во Охрид веќе го потврдија повеќе од 40 фудбалери и членови на управата на најтрофејниот фудбалски клуб во поранешна СФРЈ. Гостите, меѓу кои прославените Владимир Петровиќ – Пижон, Милош Шестиќ, Станислав Караси, Јован Аќимовиќ, Здравко Боровница, Ненад Милосављевиќ, Милан Бурсач, Бошко Ѓуровски и многу други, ќе ги предводи почесниот претседател на клубот Драган Џајиќ. Во Охрид меѓу некогашната фудбалска елита ќе биде и легендата на македонскиот фудбал, некогашниот југословенски репрезентативец Кирил Дојчиновски.

На Градскиот плоштад во Охрид во сабота точно на пладне гостите од Белград ќе дојдат со клубскиот автобус на „Црвена Звезда“, каде ќе остварат средба со нивните домаќини. За вистинските вљубеници во фудбалот посебно доживување ќе биде ревијалниот пријателски натпревар меѓу ветераните од ФК „Црвена Звезда“ и ФК „Охрид“. Натпреварот ќе се игра на теренот со вештачка трева на Спортскиот центар „Билјанини извори“ со почеток од 18 часот, во две полувремиња од по 30 минути.

Иницијатор на средбата е Здружението на фудбалски ветерани на ФК „Охрид“, каде членови се дваесеттина првотимци од сите генерации на клубот. Дружењето се поклопува со јубилејот што го одбележува ФК „Охрид“ кој оваа година прославува стогодишнина од формирањето – на 18 април 1921 година.

Најголема заслуга за несекојдневниот спортски настан има Слободан Булески, првотимец на ФК „Охрид“ во периодот од 1983 до 1987 година, кој на крајот на 80-тите и почетокот на 90-те години живееше во Белград каде играше во повеќе фудбалски екипи.

„Личните познанства што ги имам со многу фудбалери од Белград каде живеев и активно играв фудбал, останаа и траат и денес. Пријателствата со Бошко Ѓуровски, Илија Најдовски и многу други, ете ни овозможија да ја организираме и оваа средба. Верувам дека ваквите јубилеи и манифестации ќе придонесат на зацврстување на трајните пријателства, како меѓу нас поединечно, така и во одосите меѓу двата фудбалски клуба“, изјави Булески.

 

Се вчитува...