Хуманитарниот меч на 3. јануари само ја потврди сплотеноста во македонските ракометни кругови. Уште еден доказ дека и ретките лични несогласувања секогаш биле оставани зад себе, бидејќи приоритет секогаш била и ќе биде репрезентацијата на Македонија.
Во тој правец, ЕКИПА непосредно пред почетокот на СП во Краков ќе има кратки разговори со дел од ветераните кои настапија на овој ракометен спектакл. Прашањата ќе бидат идентични за сите, а искусните ракометни асови ќе ги искажат своите прогнози за овој светски шампионат, настапот на Македонија на него и за нивните предвидувања за движењето на македонскиот репрезентативен ракомет во годините што следат…
Стевче Алушовски е ракометарот со најдолг стаж во историјата на македонската репрезентација, беше дел од националниот тим на ЕП во Италија, потоа на мундијалот во Египет, потоа на светскиот шампионат во Хрватска во 2009 и на легендарното ЕП во Србија во 2012 година.
1.Што ќе биде главниот квалитет, а кој би бил најголемиот недостаток, во играта на Македонија во Краков?
По она што го видов во подготивтелниот период, главен квалитет ќе биде брзата транзиција. Доколку сакаме подобри резултати на ова СП, мораме да ја поправиме играта во одбрана во однос на она што го покажаа на турнирот во Хрватска.
2. Кој млад македонски играч ќе блесне на ова СП?
Верувам дека Томи Јагуриновски ќе има добро првенство, станува збор за ракометар кој дава дополнителен квалитет во нашата игра. Доколку добие шанса, и Марко Кизиќ би можел да направи разлика на некој од натпреварите на овој мундијал.
3. Од кој пласман на Македонија би биле задоволни на престојното Светско првенство?
Ова СП воедно е и квалификациско за едни ОИ, на последното бевме од 22. место и се надевам на подобар пласман отколку во Египет… Борба од 9. до 16 место би било извонреден резултат, дај боже да успееме да влеземе и во четвртфиналето и да обезбедиме олимписки квалификации. Последен пат бевме деветти во Катар и се боревме за пласман на ОИ, искрено посакувам тоа да се повтори и овојпат.
4. Кои се најголемите фаворити за титулата светски шампион?
Најголеми шанси давам на селекцијата на Данска, потоа на домаќинот Шведска, како и на селекциите на Франција, Шпанија и Исланд.
5. Има ли македонскиот репрезентативен ракомет сила во иднина да ги достигне и надмине резултатите на вашата генерација?
Со добра работа и добра селекција, носителите на играта се во еден врв на играчката кариера… доколку имаат малку повеќе самодоверба и веруваат во себе, не е исклучено да ги достигнат, зошто да не и да ги надминат резултатите од претходните генерации.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

