ЛЕГЕНДИТЕ НАВИВААТ ЗА МАКЕДОНИЈА – Пет прашања за Петар Ангелов: Овие деца има што да покажат!

Хуманитарниот меч на 3. јануари само ја потврди сплотеноста во македонските ракометни кругови. Уште еден доказ дека и ретките лични несогласувања секогаш биле оставани зад себе, бидејќи приоритет секогаш била и ќе биде репрезентацијата на Македонија.

Во тој правец, ЕКИПА непосредно пред почетокот на СП во Краков ќе има кратки разговори со дел од ветераните кои настапија на овој ракометен спектакл. Прашањата ќе бидат идентични за сите, а искусните ракометни асови ќе ги искажат своите прогнози за овој светски шампионат, настапот на Македонија на него и за нивните предвидувања за движењето на македонскиот репрезентативен ракомет во годините што следат…

Петар Ангелов отсекогаш беше миленик на навивачите, искусниот голман беше способен да го промени текот на секој натпревар, да ја крена репрезентацијата кога беше најтешко и да даде свој придонес во дел од најзначајните победи во историјата на македонскиот национален тим.

1.Што ќе биде главниот квалитет, а кој би бил најголемиот недостаток, во играта на Македонија во Краков?

„Македонија се разликува по стилот на игра, брзиот напад е заштитен знак, нешто што го немавме во наше време. Тоа ќе биде главното оружје, а кога станува збор за проблем, тоа би било неискуството на големите натпреварувања. Сепак, во првата постава има седум до десет играчи кои имаат настапувано на светски или европски шампионати, што ми дава верба дека и овој проблем ќе биде надминат на вистински начин“.

2. Кој млад македонски играч ќе блесне на ова СП?

„Јас очекувам добра игра од браќата Атанасијевиќ ако се најдат во составот, гледаме дека прикажуваат добри игри во дресот на Еурофарм Пелистер и мислам дека доколку добијат шанса, би блеснале и на овој мундијал“.

3. Од кој пласман на Македонија би биле задоволни на престојното Светско првенство?

„Мислам дека најважно е да се мине групата. Знам дека е тешка група, но Лазаров е искусен, знае што е потребно за да се победува на вакви натпреварувања. Затоа, прва желба ми е да се мине групата, а  потоа чекор по чекор, да се обидеме да забележиме барем уште една победа“.

4. Кои се најголемите фаворити за титулата светски шампион?

„Би ја издвоил Данска како селекција што е доминантна на последните големи натпреварувања, која игра извонреден ракомет и е неверојатно добро покриена на сите позиции“.

5. Има ли македонскиот репрезентативен ракомет сила во иднина да ги достигне и надмине резултатите на вашата генерација?

„Добро е што Македонија се уште има континуитет од настапи на европски и светски шампионати. Верувам дека со правилна работа, како што функционира Ракометната федерација, оваа генерација ќе може да ги достигне нашите резултат. Секогаш велиме дека треба време, но време веќе нема… мора да се бориме и што поскоро да стигнеме до целта што е зацртана. Овие деца имаат што да покажат бидејќи имаат перфектни услови, не се мачат со претквалификации како нас во минатото“.

Се вчитува...