Легендите навиваат за Македонија – Пет прашања за Раде Стојановиќ: Допрва доаѓа времето на оваа генерација

Хуманитарниот меч на 3. јануари само ја потврди сплотеноста во македонските ракометни кругови. Уште еден доказ дека и ретките лични несогласувања секогаш биле оставани зад себе, бидејќи приоритет секогаш била и ќе биде репрезентацијата на Македонија.

Во тој правец, ЕКИПА непосредно пред почетокот на СП во Краков ќе има кратки разговори со дел од ветераните кои настапија на овој ракометен спектакл. Прашањата ќе бидат идентични за сите, а искусните ракометни асови ќе ги искажат своите прогнози за овој светски шампионат, настапот на Македонија на него и за нивните предвидувања за движењето на македонскиот репрезентативен ракомет во годините што следат…

Десноракиот „бомбардер“ Раде Стојановиќ останува запаметен по феноменалниот настап против Исланд со кој што широко ги отвори вратите кон СП во Хрватска. По завршувањето на играчката, почна и успешна тренерска кариера, а моментно има работен ангажман во Катар.

1.Што ќе биде главниот квалитет, а кој би бил најголемиот недостаток, во играта на Македонија во Краков?

Наша предност на овој шампионат  ќе биде брзата транзиција од одбрана во напад, ќе даваме доста полесни голови, со истрчана контра, полуконтра или брз центар. Недостатокот,играчите коа ке бидат во ротација се со помало искуство на вакви натпревари, знаеме дека ке треба време да се надоместат Стоилов, Миркуловски и Лазаров. Треба да бидеме стрпливи и да им дадеме максимална подршка, затоа што допрва доаѓа времето на оваа генерација.

2. Кој млад македонски играч ќе блесне на ова СП?

Не би издвоил некој посебно од младите, да играат без некој додатен притисок, сепак товарот ке го понесат поискусните: Талески, Манасков, Митревски, Пешевски и Кузмановски.

3. Од кој пласман на Македонија би биле задоволни на престојното Светско првенство?

 Пласман во вториот круг е успех за нас,секоја победа ке биде од огромно значење за оваа генерација.

4. Кои се најголемите фаворити за титулата светски шампион?

Шведска, како ко-домаќин е еден од фаворитите,исто во првите 4 репрезентации кои ке се борат за медал се Данска, Норвешка и Франција.

5. Има ли македонскиот репрезентативен ракомет сила во иднина да ги достигне и надмине резултатите на вашата генерација?

За нас секој пласман на едно натпреварување е голем успех,така ке собира искуство оваа генерација за еден ден да се радуваме и ние на едно полуфинале, а зошто и не на медал. Им посакувам успешен шампионат.

Се вчитува...