Хуманитарниот меч на 3. јануари само ја потврди сплотеноста во македонските ракометни кругови. Уште еден доказ дека и ретките лични несогласувања секогаш биле оставани зад себе, бидејќи приоритет секогаш била и ќе биде репрезентацијата на Македонија.
Во тој правец, ЕКИПА непосредно пред почетокот на СП во Краков ќе има кратки разговори со дел од ветераните кои настапија на овој ракометен спектакл. Прашањата ќе бидат идентични за сите, а искусните ракометни асови ќе ги искажат своите прогнози за овој светски шампионат, настапот на Македонија на него и за нивните предвидувања за движењето на македонскиот репрезентативен ракомет во годините што следат…
Владо Недановски има зад себе бројни настапи за Македонија, секогаш ненаметлив и скромен, но тука присутен, да даде свој придонес за националниот тим, како што тоа го прави сега за македонскиот ракомет, како тренер на шампионот, РК Вардар.
1.Што ќе биде главниот квалитет, а кој би бил најголемиот недостаток, во играта на Македонија во Краков?
Ги гледав двата натпревари во Хрватска, главниот квалитет е брзата транзиција и постигнување на лесни голови, што ја прави оваа репрезентација многу поразлична од она што го играше Македонија во претходните години. Недостаток е одбраната, и тоа ќе биде голем проблем за да се победат сериозни репрезентации. Во овој тим немаме вистински одбранбен играч како што ги имавме Велко Маркоски и Ацо Јоноски, кои не го минуваа центарот, но беа вистински дефанзивци во нашата зона.
2. Кој млад македонски играч ќе блесне на ова СП?
Очекувам Ѓоргиев да има добро Светско првенство бидејќи во Алкалоид игра на ист начин и најмногу знае што точно очекува селекторот Лазаров како стил на игра. Морам да го споменам и Томи Јагуриновски, кој се наметнува како еден од носителите на оваа репрезентација.
3. Од кој пласман на Македонија би биле задоволни на престојното Светско првенство?
Да бидеме реални и да не правиме дополнителен притисок на овие млади играчи, самиот пласман на ова СП и континуитетот на големите натпреварувања е успех сам по себе. Доколку успееме и да ја минеме силната група во која се наоѓаме, тоа ќе биде одличен резултат на оваа генерација.
4. Кои се најголемите фаворити за титулата светски шампион?
За мене главни фаворити се Данска и Франција, селекции кои последните десет години се во врвот на ракометот. Тука е и секогаш незгодната Шпанија, кога последните неколку години од сенка се најде во завршницата на неколку големи натпреварувања.
5. Има ли македонскиот репрезентативен ракомет сила во иднина да ги достигне и надмине резултатите на вашата генерација?
Сигурен сум дека има сила, има се повеќе македонски клубови каде што доминираат македонските играчи, има подобри услови за работа од минатото, треба само да имаме малку трпение и да имаме права селекција. Секогаш на списокот мора да се најдат играчите кои заслужуваат да го носат дресот на репрезентациајта, само така ќе се надминат резултатите на претходната генерација.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА