Резултатската криза на ЛА Лејкерс уште повеќе се продлабочи откако „езерџиите“ го загубија и градското дерби со ЛА Клиперс, со резултат 97-103. Ова беше осми пораз во низа на лејкерс од градскиот ривал, дуел што го одбележа очајното шутерско издание на бековите на домашниот тим. Имено, Расел Вестбрук постигна само два поени со шут од поле 0/11, додека Вестбрук, Беверли и Нан заедно шутираа вкупно 1/25 од поле.
ЛА Клиперс имаше водство од 16 поени, лејкерси успеаја да се вратат, па дури и да поведат во последната четвртина, но гостите на крајот сепак успеаја да стигнат до победата. Голем „плус“ за ЛА клиперс е враќањето на Каваи Ленард, кој го одигра својот прв меч по 16 месеци пауза, реализирајќи 14 поени и 7 скокови. Џорџ и Вол со по 15 поени беа најефикасни во победничкиот тим, додека први стрелци на ЛА Лејкерс беа Вокер со 26, Дејвис со 25, додека Леброн Џејмс оствари дабл-дабл од 20 поени, 10 скокови и 6 асистенции.
Многу интересно беше во Филаделфија, каде домашниот тим се врати по водството од 13 поени на Милвоки, па со слободните фрлања на Такер поведе со 88-86 на 32 секунди до крајот. Сепак, големиот камбек падна во вода кога Метјус погоди тројка, по што Филаделфија не го искористи својот последен напад и овој меч го заврши со пораз.
Харден постигна 31 поен за домаќините, но и тоа беше недоволно за триумф, додека кај Милвоки вообичаено главна фигура беше Адетокумбо, реализирајќи 21 поен, 13 скокови и 8 асистенции.
Резултати НБА:
Филаделфија – Милвоки 88-90, ЛА Лејкерс – ЛА Клиперс 97-103.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

