Амандин Лејно вчера ги разреши сите дилеми околу својата иднина потпишувајќи договор со Ѓер. Сепак, Французинката не го крие разочарувањето што авантурата во Вардар ќе заврши на ваков начин, со финансиски колапс на тимот и заминување на сите ракометарки кои создаваа вистински дрим-тим во изминатите години.
„Јас сум личност што се приврзува за средината и затоа ми е многу тешко што си заминувам од Вардар. Јас се развивав во овој клуб, запознав нова земја, нова култура, имав идеални услови за работа во спортот број 1 во држвата. Вардар ми донесе радост, жал ми е што завршува на ваков начин. Претседателот пред две седмици ни соопшти дека клубот нема да продолжи да се натпреварува на ова ниво, бидејќи има машки тим и фудбалски клуб. Немавме друг избор освен да си заминеме“ – разочарано изјавува Лејно во интервју за францускиот весник “Л’Екип“.
Желбата на извонредната голманка, како и на сите останати во Вардар останува иста како и пред ваквиот расплет – освојување на толку посакуваниот трофеј во Лигата на шампионите.
„Мислам дека не ни требаше вакво нешто како дополнителна мотивација за освојување на пехарот, ние во секој случај живееме за еден таков успех и ќе сториме се за да дојдеме до титулата во Будимпешта. Чудно ми е бидејќи имаме само уште неколку натпревари дома, каде имаме специјална атмосфера“ – вели Лејно.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА