Плејмејкерот на Веспрем, Мате Лекаи, „типува“ на Вардар во финалето на Ф4 турнирот од Лигата на шампионите. Унгарскиот репрезентативец убеден е дека македонскиот шампион ќе ја помине Барселона во полуфиналната пресметка и дека во финалето во Келн ќе играат Веспрем и Вардар. На патот до финалето, Веспрем во полуфиналето треба да го помине ПСЖ.
„Кој и да ја освои Лигата на шампионите годинава нема да биде изненадување затоа што има многу мала разлика меѓу тимовите што играат на Ф4 во Келн. Практично е невозможно да се предивиди со сигурност кој ќе биде победникот. Ние два пати загубивме од ПСЖ, но сега сме друг тим. Свесни сме колку се добри ПСЖ, но ако нашата одбрана биде на вистинското ниво, тогаш ние може секого да победиме. Не сум човек што е по обложувањето и обично не сакам предвидувања, но кога веќе ме прашувате, некако чувствувам дека Вардар ќе стигне до финалето во другото полуфинале“ – вели Мате Лекаи во интервјуто за официјалниот сајт на ЕХФ.
Доколку се остварат предвидувањата на бекот на Веспрем, тогаш финалето во Келн ќе биде реприза на она од Мешков на Ф4 турнирот од регионалната СЕХА лига во кое исто така играа Вардар и Веспрем, а „црвено-црните“ ја освоија титулата. Но, 28-годишниот плејмејкер на Веспрем, верува дека во Келн ќе се сменат улогите и дека и покрај променливата сезона, унгарскиот тим годинава има добри шанси конечно да победи на Ф4 турнирот во Келн, по четири последователи настапи во завршницата на ЛШ.
„Се на се ова е добра сеозна за нас иако го загубивме финалето во СЕХА лигата. Имавме проблеми годинава. Минатата есен на ниеден натпревар не се појавивме во најсилната формација, но сите заедно знаевме дека во мај ќе бидеме во топ форма и затоа не бевме многу загрижени“ – истакнува бекот на Веспрем.
Ф4 турнирот од Лигата на шампионите во Келн ќе се одржи на 3 и 4 јуни. Во големата четворка годинава Вардар е единствениот дебитант. ПСЖ и Веспрем и лани беа дел од Ф4 турнирот во ЛШ, а Барселона лани ја пропушти завршницата во ЛШ, но се уште е најтрофејниот клуб со осум шампионски титули во најелитното европсо натпреварување.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА