Шарл Леклер, искрено коментирајќи ја состојбата со својот тим по две трки, оцени дека Ферари се уште е далеку од врвот и дека досегашните резултати во сезоната не се доволно добри со оглед на значајната предност што Мекларен во моментов ја има пред италијанскиот тим.
Упатувајќи кон сезоната 2025, се очекуваше Ферари повторно да биде во конкуренција за шампионатот на конструктори, како што беше случај минатата година. Сепак, Ферари е далеку од тоа ниво во првите два тркачки викенди. По разочарувачкиот настап во Австралија, и кинеското ГП. Севкупниот впечаток е дека SF-25 има перформанси, но дека тимот не успева целосно да ги искористи за Леклер и неговиот нов тимски колега Луис Хамилтон.
Сепак, Монегаски брзо ги отфрли таквите тврдења.
„Тешко е како и секогаш. Секогаш е комплицирано да се извлече максимумот од болидот. Мислам дека не е потешко оваа сезона – само што проблемот е што нашата моментална брзина во споредба со Мекларен не е доволно добра“.
Иако се надева на напредок на Јапонското ГП, Леклер очекува Ферари да биде на слично ниво како претходните трки, што сугерира дека спринт победата на Хамилтон во Шангај беше исклучок.
„Видовме голем чекор напред во саботата – особено во спринтерската трка со Луис, но во недела се се врати во нормала. Затоа очекувам да бидеме на исто ниво како во Кина во недела и во Мелбурн“.
По две од 24-те предвидени трки во сезоната, Ферари веќе заостанува зад Мекларен со 61 поен. Дури и ако Леклер и Хамилтон не беа дисквалификувани од петтото и шестото место во Кина, разликата сепак ќе беше 43 бода.
Непријатното изненадување во Шангај дополнително го зголеми разочарувањето во тимот, особено што по победата на Хамилтон во спринтерската трка се чинеше дека ги решија проблемите од Мелбурн.
Двете Ферари ги прекршија правилата од различни причини, но Леклер не верува дека слични проблеми ќе продолжат да го мачат тимот. Зборувајќи за лошиот почеток на сезоната, 27-годишниот возач истакна колку биле болни првите две трки за Ферари.
„Беше многу тешко на почетокот на годината. Првите две трки беа комплицирани, темпото не беше на нивото што го очекувавме, а губењето на уште повеќе поени после тоа уште повеќе го повредува целиот тим. Сигурен сум дека научивме лекции. Секогаш кога се случуваат вакви работи, се обидуваме да ги разбереме, да анализираме што тргна наопаку и да ги промениме процесите. Неколку фактори се собраа, а разликата едноставно не беше доволно голема“ – вели Леклер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА