И трет пораз за ракометарите на Е. Пелистер во Лигата на шампионите оваа сезона, овој пат повторно убедлива со 34-25 на гостувањето против Динамо Букурешт во Романија.
„Пелистерци“ единствено парираа на домашните низ првите 20 минути од играта одржувајќи минимална негатива. За да потоа ракометарите на Динамо Букурешт заиграат поцврсто во одбраната и со сигурен напад дојдат до предност од шест гола на полувремето, 19-13.
Тогаш веќе беше јасно кој ќе ја однесе победата на натпреварот, па за македонскиот шампион единствено остана барем низ вториот дел да го поправи впечатокот. Но, ниту во тоа не се успеа. Веќе по само десет минути игра во вториот дел Динамо имаше предност и од цели 10 гола разлика (26-16).
До крајот се беше рутина за конечен пораз на македонскиот шампион од 34-25.
Разочарувачки само шест ракометари на Е. Пелистер се запишаа во листата на стрелците од кои најефикасен беше Филип Кузмановски со 9 гола, а Радивојевиќ заврши со шест погодоци. По три гола постигнаа Атансијевиќ и Пешевски. Кај Динамо Букурешт најефикасен беше Унгарецот Роста со седум гола.
Во вториот натпревар во групата, Фуксе Берлин триумфираше на гостувањето против Фредериција со 32-38.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА