Лекција од Рангник за Хрватска, „лалињата“ ја растурија Белгија, пораз и на Франција

Холандија неочекувано ја декласираше Белгија на стартот од новото издание на Лигата на Нации откако „лалињата“ на гостински терен го демолираа соседот со 1-4. Бергвајн го отвори резултатот во полза на холандскиот национален тим, а во второто полувреме во листата на стрелци се запишаа и Депај (два гола) и Дамфрис. „Црвените ѓаволи“ почесниот погодок го постигнаа дури во судиското продолжение преку Батшуаи. Покрај поразот, дополнителен проблем за белгискиот селектор претставува повредата на Ромелу Лукаку, поради која голгетерот на Челси мораше да биде заменет уште во првото полувреме.

Ралф Рангник имаше деби од соништата како селектор на Австрија, предводејќи ја оваа селекција до убедлива победа од 0-3 на гостувањето против Хрватска. Стратегот што беше критикуван за слабите изданија на Манчестер Јунајтед дефинитивно подобро се снаоѓа на кормилото на австрискиот национален тим, каде експресно успеа да го разбуди овој состав уште на првиот меч како селектор. Арнаутовиќ ја отвори серијата голови за Австрија на стадионот во Осијек, а Грегорич и Сабицер во 54. и во 57. минута ставија печат на победата на гостите.

Франција неочекувано загуби со 1-2 на домашен терен од Данска, дуел што Килијан Мбапе го заврши по само 45 минути игра, откако асот на ПСЖ се пожали на болка во коленото и мораше да биде заменет. Карим Бензема ја доведе Франција во водство во второто полувреме, Корнелиус израмни на 1-1, а гостите успеаја да ги шокираат актуелните светски прваци со голот што во 89. минута го постигна повторно Корнелиус.

Се вчитува...