Ракометарите на Тинекс Пролет се враќаат на обврските во плејофот од домашниот шампионат, и тоа со дуел на домашен терен против третопласираниот Алкалоид. Станува збор за пресметка меѓу две екипи со млади и перспективни македонски ракометари во своите редови.
Според тренерот Алексо Лембанов, клучен аспект во играта на Тинекс Пролет мора да биде враќањето во одбрана, за да се неутрализира главното оружје на противникот – брзата транзиција која носи лесни голови.
„Влегуваме во дуелот со Алкалоид по оној извонреден натпревар со Тиквеш во Кавадарци, на кој успеавме да стигнеме до бод. Она што мора да се пофали на тој натпревар беше одличната игра во одбрана, која беше на високо ниво од почеток до крај. Тоа ќе ни биде потребно и на престојниот меч со Алкалоид, тим што одлично се движи и кој многу лесно постигнува голови по грешки на противникот, од контри и полуконтри. Токму затоа, нашата дисциплина во одбраната мора да биде на највисоко ниво. Мораме да сме сконцентрирани во нападот, но и кога ќе се случи да не реализираме, експресно да се вратиме и да поставиме зона. Верувам дека ако играме во поставена зона, Алкалоид ќе има проблеми да најде пат до мрежата како што тоа беше случај и со составот на Тиквеш“, изјави Лембанов.
Натпреварот меѓу Тинекс Пролет и Алкалоид е закажан за денеска со почеток во 19 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА