Македонскиот шампион Е. Пелистер се уште ќе чека на првата победа во Лигата на шампионите по синоќешниот пораз од 23-30 и од Веспрем во Битола.
На клупата на битолчани синоќа беше Зоран Шундовски, по оставката на Бранко Ангеловски, но на прес-конференцијата по натпреварот се појави помошниот тренер Алексо Лембанов кој истакна дека било тешко да се дојде до поволен резултат против една од екипите која е фаворит за освојување на Лигата на шампионите.
„Добро е познато дека игравме против една од екипите која е фаворит за титулата во Лигата на шампионите. За нас е чест да се игра против еден таков противник, и да покажеме што знаеме. Некако имавме само еден ден да ги лечиме раните од претходниот пораз на домашната сцена, и да се подготвиме за овој меч. Па, повторно ни се провлекоа грешки од минатото, како технички грешки и загубените топки кои едноставно не дозволуваат резултатски нешто повеќе“ – истакна Лембанов.
Слично е размислувањето и на репрезентативецот Петар Атанасијевиќ.
„Како што кажа тренерот Лембанов, игравме против тим кој е еден од најсилните во Европа. Мислам дека дадовме се од себе, иако имавме еден ден подготовка. Мора да искажеме благодарност на публиката што постојано е со нас и не поддржува на вистински начин“ – рече Атанасијевиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА