Тинекс Пролет ја продолжува серијата натпревари со скопски ривалии денеска, со гостувањето против екипата на Голден Арт (17 часот, мала сала „Јане Сандански“), уште еден меч на кој бодовите би биле голем чекор кон остварување на првата цел – пласман во плејофот. Трите победи во првите четири кола се јасен доказ дека Тинекс Пролет се наоѓа во добра форма, но тренерот Алексо Лембанов е внимателен и очекува максимално залагање на своите ракометари на секој натпревар.
„Максимално сме фокусирани на секој нареден натпревар, знаеме дека групата може да биде незгодна ако ривалите се потценат и не дозволуваме такво нешто да ни се случи. Лично сум задоволен од начинот на кој играме, имаме долг ростер во кој сите ракометари добиваат шанса, секој од нив си ја знае улогата во тимот и дава свој придонес за да стигнеме до посакуван резултат. На ред сега е Голден Арт, ривал што знае да биде многу незгоден. Мене лично не ми одговара кога играме со ривал што неодамна сменил тренер, секогаш има простор за одредени промени во играта и тактички изненадувања, поради што мораме да бидеме дополнително внимателни на овој меч. Квалитетот е на наша страна, но тоа ќе мораме да го покажеме и на терен“, изјави Лембанов во пресрет на денешниот натпревар.
Шефот на стручниот штаб на Тинекс Пролет се осврна и на последниот лигашки дуел во кој нашиот тим рутински стигна до победата над Мулти Есенс.
„Тоа беше натпревар што го одигравме навистина беспрекорно и би сакал да ги пофалам моите ракометари за фокусот. Слично како и на претходниот меч со Прилеп, одигравме одлично во првото полувреме, но за разлика од тој дуел, со Мулти Есенс притиснавме уште повеќе на стартот од второто полувреме и стигнавме и до двоцифрена позитива што ја чувавме речиси до самиот крај. Тоа е начинот на игра и ангажираност што сакам да го гледам од екипата, но верувам дека Тинекс Пролет има уште простор за напредок, дека можеме да играме уште подобар ракомет како што ќе минува сезоната“, вели Алексо Лембанов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА