Лембанов: Желба на сите во Пролет е пласман на Ф4 турнирот од Купот на Македонија

Ракометарите на Пролет денеска во 18.30 часот во својата сала „Македонско Сонце“ ќе го играат полуфиналниот меч од групата во Купот на Македонија, против скопскиот ривал ГA.

Значителното подмладување на тимот на почетокот од оваа 2023 година се одрази на резултатски план во плејоф натпреварувањето, но во таборот на Пролет постои оптимизам дека токму во Купот на Македонија може да се направи исчекор напред во однос на претходните сезони. Во случај на победа против ГA, ривал во финалето од групата чиј домаќин е токму Тинекс Пролет ќе биде подобриот од вториот полуфинален меч меѓу Еурофарм Пелистер 2 и Радовиш.

„По серијата заминувања на клучни играчи во изминатите месеци, како и по извршената ждрепка за групите во Купот на Македонија, заеднички став на управата, стручниот штаб и на играчите е дека зацртана цел треба да биде пласман на завршниот куп-турнир. Иако сме значително подмладени, работевме напорно во целиот овој период и верувам дека го имаме она што е неопходно за да стигнеме до посакуваниот резултат“, вели тренерот Алексо Лембанов.

Прв противник од оваа групна фаза ќе биде тимот на Голден Арт, ривал што два пати беше совладан во првиот дел од сезоната.

„Голден Арт е ривал што максимално го почитуваме, тоа е екипа што поседува и квалитет и искуство, а неодамна се реши и за тренерска смена, по што славеше на тешкото гостување во Струга. Нашите мисли се целосно насочени кон овој противник, знаеме што треба да сториме за да дојдеме до победата. Иако сме значително подмладени во однос на оној прв дел од сезоната, тоа не го менува фактот дека ние сме екипа што се натпреварува во плејофот, играме на домашен терен и со самото тоа јасно е дека од нас се очекува победа“, истакнува Лембанов.

Се вчитува...