Тренерот на Пролет, Алексо Лембанов, успеа да ја крене екипата во финишот од ланската година по заминувањето на Андон Бошковски, по што младиот стручњак ја доби довербата на управата за да остане да го води скопскиот суперлигаш и во вториот дел од сезоната.
Пред Пролет е сериозен предизвик, во преостанатите шест кола да се избори за место во Топ 6 и влез во плејофот, за што ривали му се Тиквеш и Охрид (два од овие три тима ќе се пласираат во плејофот), но Лембанов е оптимист дека тој и неговите избраници ќе стигнат до посакуваниот пласман.
„Верувам во успех на нашата екипа и пласман во Топ 6 и во плејофот на ракометниот шампионат. Се уште се е во наши раце, математички гледано со четири победи сигурно ќе бидеме дел од плејофот, така што останува максимално да влеземе во натпреварите пред нас и да стигнеме до посакуваните резултати. Презадоволен сум од залагањето на сите ракометари од самиот старт на подготовките, создадена е одлична атмосфера во екипата, за која заслуга сигурно има и Илија Темелковски, кој се врати во клубот како координатор на сите селекции на РК Тинекс Пролет. Сето ова ни дава за право со оптимизам да го дочекаме вториот дел од сезоната“, истакнува стратегот на Тинекс Пролет.
Пролет во првото коло од 2022 година ја пречекува екипата на Струга, меч за кој според Лембанов клучна ќе биде една работа…
„Струга е квалитетна екипа што сигурно ќе знае да го казни секое опуштање. И на првиот меч на кој парираа умешно речиси цел натпревар се потврди дека овој состав има и квалитетни и искусни играчи. За дуелот со нас ќе им недостига голманот Никола Матовиќ, кој беше најдобар играч на Струга во првиот дел од сезоната. Генерално гледано, добро сме подготвени за противникот, не верувам дека можат тактички да изненадат, но клучно ќе биде да одиграме според договорот, да бидеме максимално ангажирани од почеток до крај и во ниту еден момент да не ја потцениме Струга“, вели Алексо Лембанов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА