Ленард и Џорџ не дозволија изненадување на Сан Антонио

ЛА Клиперс по тешка битка успеа да слави на дуелот против Сан Антонио со 108-105, стигнувајќи до четвртата победа во последните пет натпревари. Гостите од Тексас се покажаа како незгоден ривал, на три минути до крајот имаа предност од пет поени, но Клиперс во своите редови ги имаа Каваи Ленард и Пол Џорџ, кои не дозволија изненадување на оваа средба. Џорџ го заврши мечот со 19 поени (осум во последната четвртина) и 12 скокови, додека Ленард беше најефикасен со 22 постигнати поени.

Мајами продолжува со извонредни игри, откако „жешките“ синоќа ја декласираа Филаделфија со 137-106. Пресудно беше супериорното второ полувреме во кое Мајами постигна дури 81 поен, наспроти 54 поени на гостите. Џими Батлер со 38 поени беше главна фигура на натпреварот, додека Горан Драгиќ учествуваше со 24 поени и 6 асистенции во новата победа на Мајами.

Богдан Богдановиќ постигна 23 поени во победата на Сакраменто над Минесота, а најефикасен во таборот на „кралевите“ беше Фокс со 31 поен.

Далас и без помошта на Лука Дончиќ стигна до триумф на гостувањето против Индијана (103-112), благодарение на извонредниот Порзингис и неговите 38 поени и 12 скокови.

Резултати НБА:

Шарлот – Орландо 100-112, Кливленд – Њујорк 134-139 (по прод.), Индијана – Далас 103-112, Вашингтон – Голден Стејт 117-125, Атланта – Бостон 115-123, Бруклин – Феникс 119-97, Мајами – Филаделфија 137-106, Мемфис – Детроит 96-82, Сакраменто – Минесота 113-109, ЛА Клиперс – Сан Антонио 108-105.

Се вчитува...