Ленард наместо во ЛА лејкерс, ќе заврши во Торонто

Сагата околу иднината на Каваи Ленард конечно ќе заврши во наредните 24 часа, период во кој се очекува да биде реализирана размената во која овој олстар кошаркар кариерата ќе ја продолжи во Торонто, а Сан Антонио во размена за него ќе го добие ДеМар ДеРозан.

Ленард не ја криеше желбата кариерата да ја продолжи крај Леброн Џејмс во ЛА лејкерс, но „езерџиите“ не успеаја да состават „пакет“ од играчи со што би се договориле со Сан Антонио. Од иста причина пропаднаа и преговорите со Бостон и со Филаделфија, за Торонто да излезе во преден план откако „рептилите“ се согласија во Тексас да го испратат ДеРозан, кој беше еден од лидерите на тимот во минатата сезона.

И самиот ДеРозан е шокиран од ваквиот развој на настаните, со оглед на фактот дека летово му било ветено дека нема да биде трејдуван. Сепак, согласно правилата во американските професионални спортови, кошаркарите немаат право да стават „вето“ на ваква размена кога се под договор со одреден клуб, договор со кој имаат загарантирана сума пари што мора да им ја исплати и новиот тим.

Ленард наредното лето ќе има опција да стане слободен играч, па ќе има можност тогаш самиот да преговара со ЛА лејкерс за да се приклучи во „проектот“ на Леброн Џејмс и со „езерџиите“ да атакува на нова шампионска титула.

Се вчитува...