Пред вчерашниот натпревар помеѓу Кливленд и Бостон, националната кошаркарска асоцијација на САД ги објави тројцата кандидати кои ќе се борат за наградата „најкорисен играч во лигата“. Расел Вестбрук од Оклахома тандерс, Кавај Ленард од Сан Антонио спарс и Џејмс Харден од Хјустон рокетс се тројцата кошаркари кои се надеваат на овој трофеј, а еден од нив ќе биде прогласен за најдобар играч во регуларниот дел од сезоната на 26. мај, во Њу Јорк.
Интересно е што Леброн Џејмс за прв пат по осум години не е меѓу најдобрите три играчи. 32-годишниот капитен на Кливленд изненаден од изборот, вели дека во овој момент за него не е важно дали повторно ќе ја освои наградата, туку со тимот да стигне до нова титула. Џејмс е четирикратен освојувач на оваа награда, претходно во свои раце ја имаше во 2009, 2010, 2012 и 2013 година.
„Тоа е избор на асоцијацијата. Ако сметаат дека не треба да се најдам во потесниот круг, тогаш се во право. Јас на секој натпревар давам се од себе за да бидам МВП на тимот, да допринесам што е можно повеќе за да обезбедиме триумф против секоја екипа. Не ми е важно дали сум кандидат за наградата, само сакам да ја одбраните титулата и повторно да бидеме шампиони“ – истакна Леброн по втората пресметка помеѓу неговата екипа и Бостон селтикс, во која Џејмс беше неприкосновен со 30 поени и седум асистенции.
НБА лигата денес ја објави и најдобрата петорка во регуларниот дел од сезоната. Во во идеалниот тим се тројцата кандидати за МВП наградата, Вестбрук, Ленард и Харден, а Леброн Џејмс и Ентони Дејвис од Њу Орлеанс пеликанс ја комплетираат петорката. Вториот најдобар состав го сочинуваат Стеф Кари и Кевин Дурант од Голден Стејт, Ајзеа Томас од Бостон селтикс, Јанис Антетокунпо од Милвоки бакс и Руди Гобер од Јута Џез.
За наградата „најдобар тренер“ во сезоната ќе се одлучува помеѓу Грег Поповиќ, Мајк Д’антони и Ерик Сполстра. Малком Брогдон од Милвоки, Џоел Ембид и Дарио Шариќ од Филаделфија се кандидатите за најдобар дебинат во сезоната.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА