Лео, те молам… Емотивното писмо што Енцо Фернандез му го напиша на пензионираниот Меси во 2016

Лео Меси го достигна врвот на славата откако колекцијата на трофеи ја збогати со единствениот што му недостигаше – мундијалскиот пехар што го крена по големиот триумф над Франција. Сепак, тоа ќе беше недостижно доколку Меси не се премислеше откако тогашната суперѕвезда на Барселона во 2016 година реши да стави крај на репрезентативната кариера.

Многумина тогаш се обидоа да го премислат, а порака преку социјалните мрежи до Меси испрати и Енцо Фернандез, тогаш 15-годишно момче на кое му беше јасно дека Аргентина може до самиот врв само доколку е предводена од Лео Меси.

Судбината сакаше Фернандез и Меси еден крај друг да стигнат до тронот на светскиот фудбал, а самиот Фернандез потсети на пораката што тогаш го испратил до Меси.

„Како да те убедиме тебе ако сме катастрофални? Како да те убедиме ако во животот имаме само 1% од притисокот што ти го имаш на твоите раменици. Дека стануваш секое утре, се гледаш во огледало и знаеш дека народ од 40 милиони луѓе не само што сака да ги правиш работите перфектно, туку и го бара тоа од тебе како наредба“, го почнува писмото сегашниот ас на Бенфика, кој тогаш играше само младински фудбал во татковината.

Потоа, тој го замолува Меси уште еднаш да размисли околу одлуката за репрезентативна пензија.

„Прави онака како што сакаш Меси, но те молам размисли за да останеш. Но, остани за да се забавуваш, затоа што тоа е она што сите овие луѓе кои ти вршат притисок ти го одземаа. Да те гледаме тебе како играш во сино-белиот дрес е најголемата гордост што можеме да ја чувствуваме. Играј за да се забавуваш затоа што кога ти се забавуваш на теренот, немаш претстава колку е забавно за сите нас. Ти благодарам и извини, Лео Меси“, порача Енцо Фернандез.

Скромното момче во меѓувреме дотурка до дресот на Бенфика и нема сомнеж дека му следи нов мегатрансфер, но врвот го достигна пред неколку дена, кога рамо до рамо со Меси го освои мундијалот во Катар.

Се вчитува...