Ракометарите на Охрид и на Струга забележаа рутински победи во рамките на десетото коло од Супер-лигата, лесно стигнувајќи до бодови во пресметките со Прилеп, односно Скопје.
Охриѓани го пречекаа составот на Прилеп, рутински триумфирајќи со 33-21. Резултатот по првите 30 минути игра гласеше 14-10 за тимот на Раде Стојановиќ, за Охрид потоа фуриозно да го почне вториот дел, набрзина да поведе со 20-12 и лесно да ја одржи предноста до конечните плус дванаесет. Кривокапиќ и Додиќ со по шест гола ги предводеа стрелците на победничкиот тим, додека најдобар поединец кај прилепчани беше Александар Тренчевски со седум постигнати гола.
Стружани како гости го совладаа тимот на Скопје со 29-32, оставајќи го „фенерџијата“ без ниту еден освоен бод по првите десет суперлигашки кола. Гостите на десетина минути до крајот имаа водство од 20-28, а скопјани со подобра игра во завршницата успеаја да го ублажат поразот.
Бобан Блажески со седум гола беше најефикасен кај победничкиот тим, а прв стрелец на Скопје на денешниот меч беше Александар Василевски со осум погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА