ЕКИПА на ЕП во Хрватска,
Билјана Б.Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски
Мартин Поповски е еден од оние џокери на Раул Гонзалес на ова првенство. Крилото на Вардар ја доби својата шанса на дуелот против Германија и во целост ја оправда довербата. Сега пред македонската репрезентација стои нов предизвик. Да се продолжи во исто темпо и во утрешниот дуел против Шпанија, прв од втората фаза на ЕП во Вараждин. Оптимизмот го подгрева добрата подготвеност и големата доверба што ја имаат играчите во Раул Гонзалес.
„Веќе сме во фаза во која нема лесен противник. На ова првенство покажавме дека може да се носиме и со овие големи репрезентации, малку поразлично од претходните настапи. Веќе подолг период сме немале ваков поголем успех против голема репрезентација. Ни преостанува добро да ја проучиме играта на Шпанија. Мислам дека Раул тоа ќе го среди без проблем. Ги познава многу добро, и ние ги познаваме. Имаме слична игра со нив и мислам дека ќе влеземе добро подготвени во овој дуел“ – вели Мартин Поповски пред почетокот на последниот тренинг пред утрешниот дуел.
Македонија во втората фаза влезе без пораз како првопласирана во групата во Загреб. Во првите три натпревари на ова ЕП, импонираше добрата тактичка подготвеност на „црвено-жолтите“, што според Поповски ќе биде наш адут и на утрешниот меч против Шпанија.
„Мислам дека во тактиката ќе имаме голема предност. Раул добро ги познава и ќе успее да ги склопи коцките онака како што треба. Доколку успееме да ги изненадиме со некоја наша нова тактика, тоа ќе биде голем плус за нас. Доколку го очекуваат тоа, тогаш ќе биде многу тешко“ – оценува македонскиот репрезентативец.
Во Вараждин, Македонија ќе има и голема поддршка од трибините, што секако ќе биде уште еден голем плус на наша страна.
„Можеби тоа што салата во Вараждин е помала ќе биде проблем за нас затоа што не ќе може да ги сите што сакаат да дојдат од Македонија. Но знам дека нашите ќе се снајдат, ќе дојдат овде и ќе биде полно“ – вели Мартин Поповски пренесувајќи ја вербата на целата репрезентација.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА