Кошаркарите на Работнички продолжуваат со импресивните настапи во вториот круг од Супер-лигата, откако со рутинската победа во Гевгелија над Кожув (75-82) испратија сериозна закана до ривалите, покажувајќи дека се максимално подготвени за предизвикот што го носи плејофот. Само за потсетување, тимот на Марин Докузовски во последните месец дена на домашен терен ги совлада Карпош соколи и МЗТ Скопје, а денешниот триумф во Гевгелија е само уште еден доказ за одлично темпираната форма во тимот од „Градски парк“.
Пресметката со Кожув беше решена за само едно полувреме, откако гостите од Скопје доминираа во текот на 20-те минути, создавајќи си огромна предност. Особено импресивен беше центарот Мишановиќ, кој во првите 14 минути нанижа 19 поени и шест скокови пред да биде повлечен од игра. Работнички игра фантастично во првото полувреме и заслужено на одмор замина со огромен 21 поен разлика (31-52).
Третата четвртина мина во израмнета игра на двете страни, а потоа Кожув заигра фантастично на стартот од последниот период, па по водството на гостите од 55-76 домаќините постигнаа дури 16 поени во низа, внесувајќи го мечот во неизвесна завршница (71-76 на три минути до крајот). Дилемите околу победникот набрзина ги разреши Мираковски со четири поени, па Работнички апсолутно заслужено го доби овој натпревар со 75-82.
Мишановиќ го заврши натпреварот со 23 поени и 13 скокови, Тасовски и Мираковски постигнаа по 13, а дабл-дабл оствари и Владо Илиевски, кој реализираше 12 поени и 11 асистенции.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА