Арсенал рутински славеше со 2-0 над Вулверхемптон во првото коло од новата премиерлигашка сезона, во која „топчиите“ повторно за цел имаат да го предизвикаат Манчестер Сити во трката за големиот трофеј.
Букајо Сака беше во главна улога на овој натпревар, англискиот репрезентативец најпрвин асистираше до Хаверц при првиот гол на мечот, по што Арсенал имаше значаен пад во играта на стартот од вториот дел во кој гостите неочекувано доминираа. Сепак, сите шанси за изненадување исчезнаа кога Сака ја зеде топката во шеснаесетникот, мајсторски си создаде простор и го матираше голманот на „волците“.
Фабијан Хирцелер има само 31 година и е најмлад менаџер во историјата на Премиер-лигата, но германскиот стручњак имаше деби за паметење откако неговиот Брајтон на гостински терен го декласираше Евертон со 0-3. „Карамелите“ пропуштија две убави шанси во првите десетина минути, но остатокот од мечот мина во знакот на гостите. Митома го постигна првиот гол уште во првото полувреме, на стартот од вториот дел стрелаше и искусниот Дани Велбек, а овој фудбалер беше асистент при третиот гол за Брајтон што го постигна Адингра.
Њукасл со неверојатен бункер славеше со 1-0 против Саутемптон, меч во кој „црно-белите“ повеќе од 60 минути беа со фудбалер помалку на теренот по исклучувањето на Шер. Жоелингтон го постигна победничкиот гол на асистенција на Исак во судиското продолжение од првото полувреме, во вториот дел можеше да се проследи целосна доминација на гостите со над 80% посед на топката, но одбраната на Њукасл на чело со голманот Поуп успеа да ја сочува мрежата незатресена.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА