Лестер е лидер во Премиер-лигата, Лампард пак се тресе во Челси

Лестер ќе мине најмалку 24 часа на врвот на Премиер-лигата откако избраниците на Брендан Роџерс славеа над Челси со 2-0. „Лисиците“ двата гола ги постигнаа во првото полувреме, целосно надигрувајќи го Челси, на чие кормило Френк Лампард повторно има причина да стравува за отказ, откако загуби уште една пресметка со директен ривал за висок пласман.

Ндиди беше стрелец на водечкиот погодок откако овој фудбалер со прецизен удар од работ на шеснаесетникот со помош на дирекот го совлада Менди. Францускиот голман одбрани зицер на Варди, но беше немоќен кога Медисон се најде осамен по слабата интервенција на Рудигер, па англискиот репрезентативец зголеми на 2-0.

Лампард направи неколку промени во тимот, но Челси не успеа да се врати, па „сините“ од Лондон сега заостануваат девет бода зад лидерот Лестер. „Лисиците“ моментно имаат еден бод повеќе од второпласираниот Манчестер Јунајтед, кој утре го игра својот меч од ова коло, на гостински терен против Фулам.

Се вчитува...