Летонија како загревање за Македонија пред клучниот меч за второто место во групата!

Гостувањето во Кардиф кај селекцијата на Велс во вторник, ќе биде финалниот чекор на Македонија да дојде до второто место во групата во квалификацискиот циклус за пласман на Мундијалот 2026 година. Репрезентацијата предводена од Благоја Милевски слободниот термин во ова девето коло ќе го пополни со пријателски меч против Летонија, кој се игра вечерва од 18:00 часот на Националната Арена „Тодор Проески“.

Дуелот против Летонците ќе биде загревање за она вистинското кое следува во вторник, кога цела Македонија ќе навива репрезентацијата да дојде до втората позиција во групата, во втор квалификациски циклус по ред,, со оглед дека преку Лигата на Нации веќе го има обезбедено баражот за Мундијалот 2026. Меѓутоа ако сакаме, барем на хартија, нешто полесни противници, тогаш ќе треба да го бркаме квалификацискиот бараж.

Пред денешниот меч, селекторот Благоја Милевски најави дека нема да се штедат фудбалерите, но исто така најави и дека ќе проба некои работи пред последниот меч во квалификациите.

„Нема потреба да било што калкулираме или се штедиме, затоа што имаме после пет дена одмор до мечот со Велс. Секогаш кога игра Македонија нема простор за калкулирање. Сите кои ќе бидат во тимот, ќе се стават во функција на тимот и ќе бидат на максимум и ќе се обидеме да извлечеме што е можно повеќе и на физички и на тактички план, и да пробаме некои работи кои сакам да ги видам, посебно за пристапот, трка и на физички план како стоиме, и тоа ќе биде примарна цел. Секако дека резултатот е примарна цел, но има и други работи кои сакам да ги видам на кое ниво сме и до каде сме“, изјави Милевски.

И самите репрезентативци најавуваат дека нема да се штедат во обидот да дојдат до победа, која, пак, ќе им донесе подобра атмосфера и поголема самодоверба пред мечот во Кардиф.

„Кога се игра за Македонија, не постои пријателски меч. Секој натпревар за Македонија резултатот е приоритет. Атмосферата е одлична, имаме шанса за пласман на Светско првенство. Се надевам дека ќе го дадеме максимумот на следните два натпревари, и ќе го придонесеме тоа на терен кое го имаме договорено. Важно е да влеземе на следниот меч како што треба. Победа ќе биде мотив плус за нас пред мечот со Велс, и подобро се чувствуваме секогаш кога победуваме“, рече Чурлинов.

Се вчитува...