Против репрезентацијата на Летонија, македонската одбојкарска репрезентација, вечерва во „Кале“ ќе го одигра претпоследниот натпревар од групниот сегмент во Сребрената Европска лига. Нашиот состав ќе се обиде да ја забележи втората победа во оваа фаза од натпреварувањето. Во првиот меѓусебен дуел, Летонците забележаа максимална победа од 3-0 во сетови и вечерва исто така важат за фаворити.
За нашиот табор, резултатите од групата немаат значење бидејќи завршниот тунир на четирите најдобри селекции ќе се одржи во Скопје, а домаќинот има директен пласман. Сепак од голема важност за нашиот тим е подобрувањето на формата на секој следен натпревар од прелиминарниот сегмент со оглед на амбицијата да се освои пехарот во Сребрената Европска лига.
„Нашиот план беше во групната фаза од натпревар во натпревар да ја креваме формата, мислиме дека засега успеваме тоа да го направиме. Не очекува Летонија која што е силен противник и тоа го покажа со гостинската победа над Австрија. Без оглед што се уште ние се фокусираме само на нашата игра, вечерва во Скопје сакаме да победиме“ – вели селекторот, Љубомир Травица во пресрет на домашната пресметка против најдобрата селекција во групата, Летонија.
Македонската одбојкарска репрезентација е третопласирана во групата со 3 бода, пред неа се Летонија на првото место со 12 бода, а на втората позиција е Австрија која има 6 бода.
Во последното коло на 6 јуни, македонските одбојкари ќе играат повторно на домашен терен, против Косово. Ф4 турнирот е на 15 и 16 јуни.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА