Светскиот првак Германија ја остави круната уште по првата фаза од Мундијалот во Русија. Селекцијата на Јоаким Лев доживеа дебакл и како последнопласирана во групата Ф се враќа дома веќе по групниот сегмент. Тоа секако е огромно разочарување за сите германски фанови, но и за самиот селектор.
„Не заслуживме да одиме понатаму. Елиминацијата е наша реалност, ако се знае дека не успеавме да го победиме клучниот меч. Имавме се во свои раце, но не знаевме како да триумфираме. Ја преземам комплетно одговорноста. Во завршницата, знаевме дека Шведска има убедливо водство и ни требаше триумф за да се пласираме во осминафиналето. Тргнавме со сите сили, имавме и шанси, но топката не сакаше во голот. А кога ќе тргнеш безглаво во напад, тогаш секогаш постои ризик и да бидеш казнет. Јужна Кореја ја дочека својата шанса и победи. Денеска загуби германскиот фудбал. Утре ќе станеме и ништо нема да биде исто, но ќе можеме да анализираме со ладни глави“, изјави селекторот на Германија, Јоаким Лев, по дебаклот на СП во Русија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА