Левандовски го бојкотира Шевченко: На нашата репрезентација и треба Полјак, човек што го познава тимот

Предводниците на полската репрезентација Роберт Левандовски и Гжегож Криховјак директно го посочија својот фаворит за наследник на Пауло Соуса на селекторската позиција во националниот тим. Соуса го презеде бразилскиот гигант Фламенго, а Полјаците ќе играат бараж за пласман на Мундијалот во Катар.

Полска прво ќе гостува во Русија, а доколку успее ќе биде домаќин на победникот од дуелот меѓу Чешка и Шведска. Два месеци пред баражот не се менува нејаснотијата со селекторот. Според полските медиуми, во опција се три имиња: Андриј Шевченко, Адам Навалка и Јан Урбан. Многу медиуми тврдат дека Кулеша и Шевченко разјасниле се и прашање на време е кога украинската легенда ќе стане тренер на Полска. Но, тоа не го мислат ѕвездите на тимот.

Напаѓачот на Баерн Минхен, Роберт Левандовски, индиректно изјави дека не сака да соработува со Шевченко.

„На нашата репрезентација и треба селектор што го познава тимот и би било добро да е Полјак“, потенцираше Роберт.

Уште подиректен е 31-годишниот Криховјак кој моментно настапува за рускиот Краснодар.

„Адам Навалка, кој го познава тимот и играчите, е неколку чекори понапред од оној кој нема искуство. Убеден сум дека на повеќето играчи им се допаѓа Навалка. Многу играчи со кои сум бил во репрезентацијата се сеќаваат на добрата соработка имавме со него“, изјави Криховјак.

Адам Навалка беше селектор на Полска во периодот од 2013 до 2018 година и успеа да ги квалификува Полјаците на ЕВРО 2016 и на Светското првенство во Русија во 2018 година.

Се вчитува...