Полскиот интернационалец Роберт Левандовски и официјално побарал од раководството на Баерн Минхен дозвола за да си замине ова лето од „Алијанц арена“. Тој подолг период најавуваше дека му е потребна промена во кариерата и бара нов предизвик, а токму поради тоа и го смени агентот. Новиот менаџер Пини Захави веќе ја информирал управата на баварскиот клуб дека Левандовски сериозно размислува да си замине од Минхен.
„Роберт чувствува дека му е потребна промена и веќе официјално го информиравме Баерн Минхен за тоа. Едноставно, не се работи за финансии, туку за потреба од друг вид на предизвик во кариерата“, објасни Пини Захави.
Левандовски е цел на европскиот првак Реал Мадрид, но во игра се уште неколку фудбалски гиганти, како Челси, Манчестер јунајтед и Пари Сен Жермен.
Покрај полскиот голгетер се очекува од „Алијанц арена“ летово да си заминат и Артуро Видал и Боатенг, а желба за промена на клупските бои искажува и Тијаго Алкантара, за кого се интересираат Барселона и Манчестер сити.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА