Роберт Левандовски ги израдува навивачите на Баерн Минхен обелоденувајќи дека нема потреба да избрзува со операцијата од хернија, што ќе му биде извршена за време на зимската пауза во Бундес-лигата.
Полскиот голгетер игра во животна форма и се запиша меѓу стрелците на буквално сите бундеслигашки средби на Баерн сезонава, но неодамна беше обелоденето дека тој ќе мора наскоро да замине „под нож“. Дел од најавите велеа дека тоа ќе се случи за време на ноемвриската репрезентативна пауза, по дербито со Борусија Дортмунд, но Левандовски самиот обелодени дека хируршкиот зафат врз него е презакажан за крајот на месец декември.
„Не знам кога точно, но операцијата ќе се случи кон крајот на декември. Најважно од се ми е што не чувствувам никаква болка, можам да играм без проблем и да го давам максимумот“ – изјави Левандовски.
Тој досега има 16 гола по првите 11 бундеслигашки рунди. Баерн последниот меч годинава ќе го игра на 21 декември на домашен терен со Волфсбург, по што ќе следи пауза се до 19 јануари и гостувањето против Херта во Берлин.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА