Барселона е во потрага по нов голман откако Тер Штеген заработи тешка повреда на коленото, а последните информации на каталонските медиуми тврдат дека најблиску до трансфер на „Камп Ноу“ се наоѓа доскорешниот голман на Јувентус, Војчех Шчесни.
Полјакот пред нецели два месеца објави дека ја завршува кариерата, но шансата да се облече дресот на Барселона ќе го промени ставот на ветеранот. Свој придонес во овие преговори има и Роберт Левандовски, откако голгетерот самиот имал телефонски разговор со долгогодишниот репрезентативен колега убедувајќи го да го одложи пензионирањето за уште десетина месеци.
Челниците на Барселона ги разгледуваат сите опции на пазарот, но Лапорта, директорот Деко и тренерот Флик се едногласни дека Шчесни е најдобра опција од сите слободни голмани на пазарот.
Се очекува преговорите да бидат интензивирани во следните 48 часа, а доколку биде најден заеднички јази Шчесни пред крајот на оваа седмица би заминал за Барселона и по деталните лекарски прегледи би потпишал за каталонскиот гигант до крајот на сезонава.
Неговиот трансфер не ги менува плановите на управата за ангажман на нов голман во јануарскиот преоден рок, кога една од опциите за Барса е и позајмица на македонскиот репрезентативец Столе Димитриевски од редовите на Валенсија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА