Пеп Гвардиола е решен да ангажира врвен голгетер во Манчестер Сити летово, а најнова желба на трофејниот стручњак е во Премиер-лигата да го доведе најдобриот светски фудбалер за 2020 година, Роберт Левандовски.
Доведувањето на топ-напаѓач беше приоритет на Сити со самата одлука Агуеро да си замине како слободен играч на почетокот од летово. Сепак, спроведувањето на идејата не се одвива според планот, најпрвин Тотенхем ги одби сите понуди за Хари Кејн, а пропадна и „планот Б“, Антоан Гризман се наоѓа многу блиску до враќање во Атлетико Мадрид во директна размена за Саул Нигез.
Затоа, Пеп реши да се сврти кон Левандовски, кој со 32 години е највозрасен, но и со најбогато голгетерско реноме. Полјакот имаше беспрекорна соработка со Пеп во Баерн Минхен, заедно освои две шампионски титули и еден Куп на Германија, а со неверојатната ланска сезона (41 гол во Бундес-лигата) само докажа дека станува се помоќен во противничкиот шеснаесетник колку што станува поискусен.
Баерн не делува како да сака да го продаде, но Левандовски има само уште една година од договорот, јасно стави до знаење дека нема да потпише нов, па ова е последна шанса за баварскиот гигант да го продаде својот најдобар стрелец. Ако на ова се додаде дека Сити е подготвен да плати огромни 120 милиони евра, јасно е дека лесно може да се постигне договор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА