После поразот од Силекс на домашен терен, екипата на Шкупи на „рехабилитација“ оди на тешкиот терен во Тетово. Гостува кај лидерот Шкендија, која е во одлична серија на резултати во последно време, и како резултат на тоа дојде лидерската позиција на табелата.
Чаирскиот тим е во неверојатна серија од четири порази по ред во првенството. Тимот доби нови газди, но засега таа „шок терапија“ не дава резултати. Останува да се види како ќе се покажат на едно од најтешките гостувања во сезоната. Последен пат Шкупи победил пред еден месец, кога на свој терен го победи Тиквеш, и од тогаш има само порази: од Воска Спорт, Гостивар, Вардар и од Силекс.
„За нас е задоволство кога играме вакви натпревари. Среќен сум што двете навивачки групи ќе бидат заедно на стадионот, и се надевам дека ќе бидеме пример за подобро. На теренот нека победи подобриот. Играме домашен терен, верувам дека фановите ќе бидат наш 12-ти играч, и со нивна поддршка ќе успееме да победиме“, рече Бесарт Ибраими, напаѓачот на Шкендија пред денешното дерби.
Вардар во битката за опстанокот има тешка мисија. Игра против Гостивар, кој исто така е во одлична серија во последно време. Гостиварци имаат три победи по ред во првенството, а загубија само од Работнички на 20. октомври токму на теренот каде што ќе игра и денешниот дуел против Вардар, на Националната Арена. Вардар, пак, е во серија од победа и реми против Шкупи, односно Воска, и секој бод за нив ќе биде драгоцен во битката за опстанокот во Првата лига.
Силекс на домашен терен важи за голем фаворит против Воска Спорт, додека Беса во Гостивар ја дочекува АП Брера. Струга ТЛ има „домашна задача“ и игра против Пелистер. Доскорашниот лидер Работнички гостува во Кавадарци кај Тиквеш.
ПМФЛ, 16. КОЛО
ДЕНЕСКА, 13:00 ЧАСОТ
Гостивар: БЕСА – АП БРЕРА
Тетово: ШКЕНДИЈА – ШКУПИ
Кратово: СИЛЕКС – ВОСКА СПОРТ
Струга: СТРУГА ТЛ – ПЕЛИСТЕР
Кавадарци: ТИКВЕШ – РАБОТНИЧКИ
Скопје, Нац. Арена Тодор Проески: ВАРДАР – ГОСТИВАР
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА