Вечерашните реванш натпревари од четвртфиналето во Лигата на Европа ќе ги дадат имињата на четирите полуфиналисти кои ќе се борат за главната награда – големиот пехар кој воедно значи и пласман во Лигата на шампионите за следната натпреварувачка сезона.
Манчестер јунајтед прими гол во самиот финиш во Брисел, па тимот на Жозе Мурињо вечерва на домашен терен против Андерлехт ќе бара потврда за својот пласман во полуфиналето. Андерлехт е тотален аутсајдер и ако се знае дека белгискиот клуб не забележал ниту една победа на последните 15 гостувања во Англија, а на пoследите три меча што ги одигра на „Олд трафорд“ овој тим не само што загуби, туку и прими огромни 18 погодоци (во 2001, 1969 и во 1957 година). Атмосферата кај „црвените ѓаволи“ е уште повеќе подобрена по победата во премиерлигашкото дерби со Челси во неделата, така што се освен нова победа на англискиот фудбалски гигант би било огромно изненадување.
Немили сцени и големи тепачки на трибините го одбележаа првиот натпревар меѓу Лион и Бешикташ, поради што двата клуба добија и условни казни – исклучување од европските купови доколку нешто слично се повтори во следните две години. Лион допатува во Истанбул со предност од 2-1 по двата гола постигнати во самиот финиш од дуелот во Франција, а фудбалерите на Бешикташ се максимално мотивирани да одговорат на предизвикот, да ја анулираат минималната негатива и да стигнат до полуфиналето. Рикардо Кварезма би требало да биде подготвен за камбек за Бешикташ откако го пропушти првиот натпревар, додека кај гостите ќе недостига Мемфис Депај, кој нема право за настап во европските купови.
Шалке ќе се обиде да ја стигне негативата од два гола од првиот меч против Ајакс, но задачата ќе биде уште потешка ако се знае дека холандскиот тим ќе биде дополнително засилен со Шоне и Долберг, двајцата првотимци кои не настапија во Амстердам.
Во последниот четвртфинален дуел Генк ќе ја пречека Селта, откако првиот суперинтересен дуел заврши со триумф на шпанскиот прволигаш од 3-2. И двата тима никогаш досега не играле полуфинале во европските купови, така што ова им е шанса за историја.
РЕВАНШ НАТПРЕВАРИ (21.05 часот)
Манчестер ј. – Андерлехт (1-1)
Шалке – Ајакс (0-2)
Бешикташ – Лион (1-2)
Генк – Селта (2-3)
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА