Црвена Звезда е на добар пат да го осигура своето место во следната фаза од Лига Европа откако на домашен терен славеше со 1-0 над фенерџијата Лудогорец со што белграѓани стигнаа до третата победа во второто по ранг натпреварување. Херојот на „црвено-белите“ беше Иваниќ кој во 57. минута донесе предност за својот тим, а овој гол се воспостави како клучен на натпреварот.
Со овој триумф Црвена Звезда се искачи на првата позиција во групата „Ф“ со 10 освоени бода, меѓутоа за пласман во следната фаза на „црвено-белите“ ќе им биде потребен најмалку бод од гостувањето кај Брага во последното коло од групната фаза.
Динамо на нашите Адеми и Ристовски пак не успеа да го потврди новото учество во нокаут-фазата од Лига Европа откако ремизираше со 1-1 во Загреб против Генк. „Модрите“ стигнаа до водство преку Менало во 35. минута, но Угбо до полувремето донесе изедначување во првата минута од судиското продолжение. Аријан Адеми одигра 76. минута на овој меч, а Ристовски натпреварот го проследи од клупата за резерви.
И покрај ремито Динамо останува на втората позиција во групата „Х“, но на загрепскиот клуб ќе му бидат потребни бодови од последниот натпревар на колото во кој гостуваат во Лондон кај Вест Хем, или пак кикс на Генк на домашен терен против Рапид Виена.
Вест Хем пак по ремито со Генк во претходното коло им се врати на победите со триумф над Рапид Виена од 0-2. Јармоленко го отвори мечот во 40. минута, а победата ја потврди Нобл од белата точка во втората минута од судиското продолжение на првото полувреме.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА