Вчера се одиграа половина од натпреварите во 6. коло во Лигата на шампиони и скоро сите патници во нокаут фазата се познати, како и кој тим во кој барабан ќе биде при извлекувањето на двојките за осминафиналната рунда. Но, она што се случува во годинашното издание на најелитното европско клупско натпреварување е преседан, и којзнае кога истото ќе се повтори.
Имено, од „топ 5“ лигите во Европа ниту еден клуб-шампион од првенствата не е првопласиран во својата група.
Шпанскиот и европски шампион, Реал Мадрид во групата Х заостанува три бода зад Тотенхем. Реал Мадрид и да триумфира против Борусија Дортмунд вечерва, а Тотенхем да изгуби од АПОЕЛ, „кралевите“ ќе останат на второто место бидејќи „петлите“ имаат подобар скор во меѓусебните дуели, 1-1 на „Сантијаго Бернабеу“ и победа од 3-1 на „Вембли“.
Англискиот првак Челси вчера ја испушти можноста да биде прв во групата Ц откако одигра нерешено (1-1) со Атлетико Мадрид на свој терен, додека Рома минимално славеше над Карабах, па така со идентичен број бодови (11) Рома и Челси патуваат во нокаут фазата, со тоа што „римска волчица“ е на првото место подобриот исход во меѓусебните дуели. 3-3 на „Стемфорд бриџ“ и 3-0 на „Олимпико“ се и повеќе од доволни за „сините“ да ги чека финале пред финалето уште во првата нокаут рунда, бидејќи можни противници се ПСЖ, Барселона и Бешикташ.
Баерн Минхен им се реваншираше на парижаните за поразот на стартот од групната фаза, но 3-1 не беше резултатот кој го посакуваше Хејнкес. Голот на Мбапе на „Алијанц“ арената се покажа како клучен фактор во одлуката кој ќе биде првопласиран во групата Б, бидејќи во 1. коло ПСЖ го декласираше баварскиот гигант со 3-0 и со подобар резултат од меѓусебните дуели ќе го чека својот противник од вториот шешир.
Италијанскиот шампион Јувентус од двата дуели со Барселона извлече само еден бод и по сите шест мечеви заостануваат три бода зад „каталонците“. На „Камп Ноу“ примија три погодоци во својот гол, додека пред своја публика одиграа сиромашни 0-0, па победникот во борбата за првото место во групата Д се знаеше по 5. коло.
Монако е најголемото разочарување оваа сезона. Минатогодишните полуфиналисти во ЛШ оваа сезона потполно потфрлија во обидот да го повторат успехот од лани, па во групата Г со Бешикташ, Порто и Лајпциг францускиот првак е најслабата алка. По пет средби освоија само два бода ( 1-1 со Бешикташ и 1-1 со Лајпциг) и се последни во групата без шанси за пласман дури во Лигата на Европа.
Од останатите првенства, ниту рускиот шампион Спартак Москва не се најде на највисокото место во својата група. Вечерва ги очекува дуел со лидерот Ливерпул, а ќе мора да направат сензација на „Енфилд роуд“ доколку сакаат да се најдат меѓу 16. екипи во нокаут фазата. Но, за да бидат први во групата, и Марибор мора да направи сензација пред своја публика и да триумфира над Севилја.
Португалскиот првак Бенфика е едно од најнепријатните изненадувања. Иако во нивната група само Манчестер јунајтед им беше потежок противник, „орлите“ не обезбедија ниту еден единствен бод во шест меча. По два пати беа поразени и од Базел, и од Јунајтед, и од ЦСКА Москва.
Феенорд може да го снајде исто сценарио како и Бенфика доколку вечерва загуби на домашен терен од Наполи, за кои пак триумф над холандскиот првак е единствена опција за пласман во следната рунда.
Од сите учесници во Лигата на шампиони кои минатата сезона беа освојувачи на домашните првенства, само Бешикташ го оправда шампионскиот статус и со три победи и две реми по пет меча се остануваат први во групата Г, без разлика на конечниот исход на вечерашната средба против Лајпциг.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА