Лига Нации: Англија подобра од Белгија, Хрватите конечно се израдуваа

Репрезентацијата на Англија го презеде врвот во групата 2 од дивизијата А во Лигата на Нации откако ја забележа втората победа во оваа конкуренција триумфирајќи со 2-1 на домашен терен над Белгија. Белгијците го имаа почетното водство откако Ромелу Лукаку од пенал погоди за 1-0 во 16. минута.

Англичаните до израмнување дојдоа во финишот на воведното полувреме. И овој гол, во 39. минута беше од белата точка, а стрелец беше Маркус Рашфорд. Во средината од вториот дел, Мејсон Маунт го постигна голот за 2-1.

Англија сега има седум бода на првото место на табелата, Белгија за која ова е прв пораз е второпласирана со шест бода.

Хрватска дојде до прв триумф во овој циклус од Лигата на Нации. Славеше над Шведска со 2-1. Голот за победа Хрватите го постигнаа во последните минути од средбата. Крамариќ погоди во 84. минута за конечните 2-1 откако претходно Влашиќ им донесе водство на „коцкестите“, а Берг беше стрелец за израмнување на резултатот на 1-1. За Хрватска ова се првите три бода во групата 3 во која претходно претрпе порази од Португалија и од Франција. Шведска останува без бодови по трите одиграни кола.

Селекцијата на Босна и Херцеговина успеа да се одбрани во пресметката со Холандија на домашен терен. Дуелот од третото коло во групата 1 заврши без голови. Холанѓаните со овој бод имаат вкупно четири и остануваат на вторто место додека БиХ има два бода на последното место.

Во дивизијата Б во воведните денешни натпревари победи забележаа Финска и Норвешка. Финците со 2-0 ја совладаа Бугарија, а Норвежаните со 4-0 беа убедливи во пресметката со Романија. Ирска и Велс одиграа реми 0-0.

 

 

хрватска

 

холандија

Се вчитува...