Лил во офанзива по Аријан Адеми

Македонскиот фудбалски репрезентативец Аријан Адеми е подготвен да го напушти Динамо Загреб во текот на летниот преоден рок. Негова следна дестинација ќе биде Франција, откако раководството на Лил тргна во офанзива за да го доведе големиот борец во своите редови. Адеми се врати на терените по суспензијата поради допинг-скандалот, веднаш се наметна како лидер на Динамо и си ја врати капитенската лента, но како што стојат работите тој ќе си замине од „Максимир“ до крајот на летово.

Весникот „Спортске новости“ објави дека Лил веќе испратил понуда од 3,8 милиони евра за македонскиот интернационалец, која била експресно одбиена од страна на хрватскиот првак. Раководството на Динамо не сака да го продаде Адеми пред претстојниот дуел од квалификациите за ЛШ против Хапоел Бер Шева, но „модрите“ искажале подготвеност за разговори со Лил во наредните дваесетина дена, доколку францускиот клуб ја зголеми понудата.

Неофицијално, хрватскиот шампион бара седум милиони евра за Адеми, па сега на потег е Лил, да ги интензивира разговорите за да го доведе македонскиот репрезентативец во своите редови.

Се вчитува...