Лина тргнува против Лемуан во квалификациите за Ролан Гарос

Квирин Лемуан од Холандија ќе биде прва противничка на Лина Ѓорческа во квалификациите за влез во главниот турнир на Ролан Гарос. На денешната ждрепка што беше извршена во Париз најдобрата македонска тенисерка за ривал ја доби оваа 25-годишна Холанѓанка, која моментно се наоѓа на 160. позиција на ВТА-листата, што воедно е и нејзин најдобар пласман во кариерата.

Доколку успее да ја мине Лемуан, Ѓорческа за противничка во втората квалификациска рунда ќе ја има подобрата од дуелот меѓу Каи-Чен Чанг од Тајван (четврта носителка во овие квалификации) и Тара Мур од Велика Британија.

Само за потсетување, за пласман на главниот турнир на Ролан Гарос неопходно е да се минат три квалификациски рунди. Лина Ѓорческа на почетокот од годинава имаше добар настап во квалификациите за Австралија опен, кога ги мина првите две квалификациски кола, за потоа да загуби од Стефани Фогел.

Македонката игра се подобро во последните месеци, па со право со оптимизам гледа кон претстојниот преидизвик наречен Ролан Гарос.

Се вчитува...