Лина во трилер-натпревар славеше над поранешна гранд-слем осминафиналистка

Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа продолжува со одличните партии на ИТФ фјучрсот во главниот град на Италија, Рим. Ѓорческа денеска во четвртфиналето на турнирот вреден 75.000 американски долари славеше против поранешната осминафиналистка на Ролан Гарос и УС опен, Американката Варвара Лепченко.

Тетовчанката беше подобра од американската тенисерка со  2-1, по сетови  6-4, 5-7 и 7-5. Oткако го доби првиот сет со 6-4, со истиот резултат Ѓорческа требаше да ја заврши целата работа во вториот. Сепак, при сервис за меч не искористи три врзани меч топки на 40-0, по што следеше голем пад кој го искористи Американката за освојување на сетот со 7-5 и израмнување на 1-1. И во третиот сет Лина прва стигнуваше на два пати до брејк, но на крајот Лепченко прва имаше шанса за победа откако водеше со 3-5. Сепак, нашата тенисерка одигра одлично до крајот и славеше со 7-5.

Во полуфиналето Ѓорческа за противник ќе ја има подобрата од дуелот меѓу Хрватката, Петра Марчинко и  Шпанката, Зулета де Реалес.

Се вчитува...