Линдзи Вон избра скијачка легенда за нов тренер

Линдзи Вон лани реши да му се врати на скијањето, а поранешната шампионка очигледно има големи амбиции за наредната натпреварувачка сезона.

За остварувањето на тие зацртани цели, Американката го избра легендарниот норвешки скијач Аксел Лунд Свиндал за свој тренер. Двајцата ги завршија своите блескави кариери во 2019 година, но Вон реши да се врати, а сега и да побара помош од Свиндал во обидот да атакува на нови победи и трофеи.

„Доведувањето на Аксел во мојот тим за оваа сезона делува како природен и неверојатно интересен чекор. Делевме толку многу приказни на планините, од тренинзите до освојување на Светскиот куп, неговото познавање на спортот, особено кога станува збор за опремата и стратегијата се неспоредливи со било кој друг, секогаш сум го ценела максимално. Да го имам Свиндал во мојот тим додека атакувам на висок пласман на ОИ во Кортина е голема предност“, истакна Линдзи Вон.

Свиндал е двократен олимписки првак, со злато во супервелеслалом во 2010 и во спуст во 2018 година.

Се вчитува...