Лино Червар од самото поставување на Дагур Сигурдсон за селектор на Хрватска го критикуваше изборот на странец за кормилар на националниот тим на „коцкестите“.
Во ситуација кога Хрватите разочараа на ОИ во Париз не обезбедувајќи пласман во четвртфиналето, токму Червар е најгласниот во критиките на адреса на селекторот. Според поранешниот македонски и хрватски селектор, „коцкестите“ имаат врвен играчки потенцијал, а вината за неуспехот треба да се бара кај стручниот штаб.
„Ние имаме потенцијал на млади играчи кои блескаа во одредени моменти. Кларица, Срна… видовме дека има материјал, дијаманти за брусење. Она што ме разочара е што Хрватска беше тотално неподготвена на тактички план, немавме „глава и опашка“, да се знае кој презема кога е најтешко, во нападот и во одбраната. Се вели дека оние тренери кои не знаат да постават одбрана не се врвни тренери. Јас сега слободно можам да кажам дека Сигурдсон е добар тренер, но не може да биде врвен ракометен стручњак. Гледам дека се тргнува со некои вештачки анкети за да се создаде атмосфера дека тој треба да остане на чело на репрезентацијата, но за мене е чудно, да инсистираме да остане господинот најскап селектор кој не знае како да постави одбрана. Повторувам, Хрватска има играчки потенцијал за да се бори и за злато на големите натпреварувања, но за тоа да се случи неопходно е да се има домашен стратег кој ќе знае како да го извлече максимумот од овие ракометари“, порача Лино Червар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА