Колку што е и играчки и резултатски интересен денешниот меч меѓу Македонија и Словенија, толку ќе биде интересно и тренерското надмудрување на двајцата селектори – Лино Червар на клупата на Македонија и Веселин Вујовиќ на кормилото на Словенија.
Нивните клупски пресметки додека Вујовиќ беше тренер на Вардар, а Червар на Металург се во рангот на ракометна класика. Карактерно тотално различни, но двајцата на свој начин ракометни генијалци, имаа бројни дуели на македонската сцена, ривалството на моменти ја надминуваше и границата на нормала, но токму тоа даваше дополнителен шарм на пресметките на двата македонски ракометни гиганти. Дербито го загуби шармот со заминувањето на Вујовиќ од Вардар, Червар остана во Металург, во меѓувреме стана и селектор на Македонија, па патиштата им се споија на најголемата можна сцена – ракометниот мундијал во Франција.
Секогаш воинствени крај аут-линијата, тие се далеку од пријатели, но како врвни тренери меѓу нив постои огромна меѓусебна почит.
„Знаете кави беа тие класико-дуели кога јас бев тренер на Вардар, а Лино на Металург. Со Лино не можеш да бидеш рамнодушен или го сакаш или не го сакаш, нема тука средина. Таков каков што е, направи добар резултат. Спортот е таков што, за жал, Вујо задутре ќе биде на клупата на Словенија, а не на клупата на Македонија. На клупата на Македонија седи еден извонреден стручњак“ – прв со комплименти почна словенечкиот селектор.
Само неколку часа се чекаше на одговорот од кормиларот на македонскиот национален тим.
„Ова го велам најискрено, јас би бил смешен тренер ако не го почитувам Веселин Вујовиќ, човекот кој го одбележал овој спорт и како играч и како тренер. Реалноста е таа – со неговото доаѓање Словенија игра многу подобро, Словенија имаше одличен настап на Олимписките Игри, Словенија е извонредно тактички подготвена“ – следеше одговорот на македонскиот селектор.
Малку е познато или веќе подзаборавено дека покрај бројните клупски дуели, тие двајца имаа и интересни пресметки како селектори во текот на минатата деценија, со едни други две репрезентации.
Првиот дуел Вујовиќ – Червар се случи на СП во Тунис во 2005 година, кога Хрватска предводена од Лино по голема битка славеше над Србија и Црна Гора на Вујо и се пласираше во полуфиналето. Битката продолжи и следната година на ЕП во Швајцарија – натпреварот меѓу Хрватска и СЦГ од втората фаза на ЕП 2006 во Швајцарија, се одигра на 2 февруари во Ст.Гален, на полувремето беше 16-16, а на крајот Хравaтска победи со 34-30. Хрватите на ова ЕП стигнаа до полуфинале и загубија од Данска во мечот за бронза, а СЦГ заврши на 9.место. Овој меч долго ја брануваше јавноста поради обвинувањата од некои од репрезентативците на СЦГ дека „и пуштиле“ на Хрватска. Неколку месеци по ова првенство, Арпад Штербик го заврши настапот за репрезентацијата на СЦГ и потоа стана Шпанец, а Вујовиќ беше сменет од селекторската функција.
Лино Червар, на клупата на Хрватска беше од 2002 до 2010 година, на функцијата поднесе оставка по настапот на ЕП 2010 во Австрија. Шест години подоцна, во мај минатата година, хрватскиот стратег стана селектор на Македонија.
Така почна да се пишува историјата за едно неверојатно ривалство, исполнето со провокации, инциденти, но и ракометно надмудрување на двајцата врвни стручњаци, во кое и Вујовиќ и Червар имаа свои блесоци и големи победи, но и неочекувани порази. Тоа трае и трае, а продолжува и денеска со новата епизода во Мец, пресметка во која влогот се бодови на СП, но и триумф над големиот противник, нешто што сигурно ќе има свое место во „историјата на ракометната класика“ на дуелите меѓу „Маго ди Умаго“ и „Вујо мајсторе“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА