Џердан Шаќири минатото лето се пресели од Ливерпул во Лион и беше најавуван како големо засилување за францускиот прволигаш. Сепак, швајцарскиот репрезентативец воопшто не ги оправда очекувањата на управата на навивачите, досега настапи на само 16 средби севкупно во сите натпреварувања, притоа постигнувајќи скромни три погодоци.
Ова придонесе Шаќири се поретко да добива шанса во стартниот тим, поради што самиот фудбалер инсистира на заминување од „Жерлан“ уште во текот на оваа сезона. Тој стравува дека со мала минутажа во Лион би си ги загрозил шансите за настап со Швајцарија на СП во Катар, поради што инвентивниот плејмејкер побарал да добие зелено светло за трансфер.
Со оглед на фактот дека Швајцарецот е меѓу најплатените играчи во клубот, управата дала зелено светло, но сега останува да се најде купец за Шаќири. Прв интерес покажал Сион, но швајцарскиот клуб бил далеку со понудата од финансиските побарувања на фудбалерот. Според последните информации, клуб од МЛС-лигата во последните 24 часа покажал сериозен интерес и веќе испратил понуда за Шаќири.
Според францускиот весник „Л’Екип“, фудбалерот сериозно размислува да ја прифати понудата и уште во текот на викендот би можел да го комплетира трансферот, по што би заминал за САД на лекарски прегледи и потпис со новиот клуб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

