Ливерпул без пот, со реми до печат на четврт-финалето

Ливерпул немаше никакви проблеми да си го визира пласманот во четврт-финалето од Лигата на шампионите, откако по убедливата победа од 0-5 во Порто, „црвените“ овојпат ремизираа 0-0 на „Енфилд роуд“ против португалскиот гигант.

Свесни дека нема ризик од елиминација, избраниците на Клоп одиграа рутински натпревар, целосно го контролираа темпото, воедно и сочуваа дел од силите за големото дерби против Манчестер јунајтед што ги очекува на „Олд трафорд“ в сабота. Германскиот стратег ги остави на клупата Салах и Ван Дајк (Египќанецот влезе во игра во финишот), Ливерпул не создаде шанси како вообичаено, но не му дозволи ниту на противникот посериозно да го загрози Кариус.

Мане го погоди дирекот во првото полувреме, додека најубавата шанса во второто полувреме ја пропушти Фирмино, кој ја протна топката крај Касилјас, но неговиот обид беше блокиран од страна на Фелипе. Во 90. минута опасен удар со глава упати и Ингс, но Касилјас со крајни напори ја задржа својата мрежа незатресена.

Се вчитува...