Јирген Клоп се соочува со нов проблем пред серијата натпревари на Ливерпул откако „црвените“ на подолг период останаа без помошта на Трент Александер Арнолд. Стандардниот десен бек неодамна се врати по проблем со коленото, но на последниот меч со Барнли се пожалил на обновување на истата повреда, поради што мораше да биде заменет на самата пауза меѓу двете полувремиња.
Деталните прегледи покажале дека не станува збор за оштетување на лигаментите, но сепак е препорачано мирување во наредните неколку седмици. Ова значи дека Александер Арнолд ќе ги пропушти следните две премиерлигашки средби, гостувањето против Брентфорд и домашниот меч со Лутон, но и што е уште поважно – десниот бек нема да биде во комбинација за финалето од лига-купот на Англија против Челси што е на програмата за десетина дена.
Точниот датум на камбекот на Трент засега не се прогнозира, но „црвените“ се надеваат дека тој ќе биде максимално подготвен за големото дерби со Манчестер Сити закажано за 10 март, меч што се најавува како решавачки во трката за шампионската титула.
Во тимот викендов против Брентфорд ќе го нема ниту Доминик Собослаи, но би можел да се врати Мохамед Салах, кој почна со тренинзи со екипата по повредата заработена на Купот на Африкански Нации.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА