Ливерпул е нов лидер во Премиер-лигата, на потег е Манчестер Сити

Ливерпул славеше со 2-0 над Ватфорд во првиот меч од Премиер-лигата по репрезентативната пауза, стигнувајќи до три бода со кои тимот на Јирген Клоп се искачи на првото место на табелата. „Црвените“ сега имаат 72 бода, два повеќе од Манчестер Сити, кој попладнево од 16 часот му гостува на Барнли во својот меч од 30. премиерлигашко коло.

Дуелот на „Енфилд“ лесно можеше да тргне и во поинаков правец доколку Ватфорд ја искористеше својата прва шанса на мечот, кога Куцка излезе очи в очи со Алисон, но домашниот голман одлично интервенираше. Само триесетина секунди подоцна Ливерпул поведе, откако Гомез одлично асистираше од десната страна, а Жота стигна до топката пред голманот Фостер и ја смести во мрежата.

На вториот гол се чекаше до самиот финиш, откако Жота беше фаулиран во противничкиот шеснаесетник, а судијата дури по прегледување со ВАР досуди пенал, што Фабињо го претвори во конечните 2-0.

Се вчитува...