Ливерпул ги обедини круните, стана светски клупски шампион

Ливерпул ја комплетираше богатата колекција на трофеи откако вечерва славеше над Фламенго со 1-0 и за првпат во историјата стана светски клупски првак. Финалето од клупското СП во Катар беше решено со продолженија од двапати по 15 минути, а човек на одлука беше Роберто Фирмино, кој како и во полуфиналето против Монтереј, вечерва повторно го постигна победничкиот погодок.

Ливерпул тргна фуриозно од самиот почеток, Фирмино од идеална позиција шутираше над гредата во првата минута, а потоа голот на Фламенго не го погодија ниту Мане и Александер Арнолд. Како што одминуваше времето, така и бразилскиот тим воспоставуваше контрола над средината на теренот, не дозволувајќи му на Ливерпул да ја наметне посакуваната иницијатива. На полувреме се замина без голови, а вториот дел почна исто како и првиот, со зицер на Фирмино, кој овојпат го погоди дирекот од голот на Алвес.

И повторно Фламенго се консолидираше, па првакот на Копа Либертадорес имаше и одлична шанса преку Габриел Барбоса, но Алисон Бекер одлично интервенираше. „Црвените“ на дваесетина минути до крајот останаа и без Окслејд Чембрлен, кој заработи незгодна повреда на скочниот зглоб и мораше да биде заменет со Лалана.

Вистинската драма се случи во 92. минута, кога Мане тргна сам на голот, Рафиња стартуваше, а судијата покажа на белата точка. Сепак, по прегледувањето со ВАР беше утврдено дека бразилскиот дефанзивец стигнал до топката, пеналот беше поништен, па се премина кон продолженија.

Во дополнителните 30 минути, европскиот првак конечно успеа да го скрши отпорот на незгодниот ривал, Мане повторно побегна зад одбранбената линија, го проигра Фирмино, а Бразилецот во својата трета шанса конечно ја затресе мрежата на Фламенго. Бразилците имаа идеална шанса да израмнат во 119. минута, но Линколн од седум метри шутираше високо над голот, за крај на возбудувањата во Доха и заслужена титула на „црвените“ од „Енфилд Роуд“.

Се вчитува...