Ливерпул го бара „новиот Бруно Фернандеш“

Бруно Фернандеш се покажа како хит во Премиер-лигата по ланскиот јануарски трансфер од Спортинг Лисабон во Манчестер Јунајтед, па сега Ливерпул подготвува план како да го доведе неговиот наследник од тимот на Спортинг, Педро Гонсалвеш. Гигантот од Лисабон го донесе Гонсалвеш во текот на летниот преоден рок за 6,5 милиони евра, но неговата вредност во меѓувреме порасна најмалку за пет пати.

Токму овој фудбалер е меѓу најзаслужните што Спортинг се наоѓа на врвот на табелата во португалското првенство, досега постигнувајќи 14 гола и две асистенции иако станува збор за играч кој не е класичен напаѓач, туку крилен офанзивец што најдобро дејссствува по десната страна.

Јирген Клоп е свесен дека ќе мора да направи „ремонт“ во тимот по очајните игри во текот на оваа сезона, а токму Гонсалвеш е фудбалерот што Клоп сака да го доведе, а управата е подготвена да почне преговори за да ја исполни желбата на германскиот стратег. Португалскиот весник „Рекорд“ тврди дека челниците на Спортинг се свесни за интересот на Ливерпул за овој фудбалер, но и дека гигантот од Лисабон ќе бара 60 милиони евра, сума повисока и од онаа што ја добија од Манчестер Јунајтед за Бруно Фернандеш. Поточно, тоа е клаузулата за раскин во договорот што Гонсалвеш го има со Спортинг, португалскиот клуб не планира да го продаде својот најдобар стрелец, па „црвените“ ќе мора да ја активираат оваа клаузула ако сакаат да го доведат 22-годишниот офанзивец на „Енфилд“.

Се вчитува...